Првата жена за Водици во Германија! Интервју со Марина Mитева Грозданова

За многу години Богојавление – Водици, Бог се јави! Прво да му го честитаме фаќањето на крстот на Дарко Јанкоски и да му посакаме многу здравје, среќа, љубов и бериќет на него и на семејството како и на сите Вас наши Македонци што не читате и сите православни Христијани што го празнуваат овој празник!

Наш денешен соговорник е Марина Митева Грозданова, според нашите сознанија првата Македонка која се фрла за крстот на Водици во Германија!!!

Македонско сонце:

Здраво Марина, како се одлучивте за овој храбар чекор, досега е навистина невообичаено за жена да се фрла за крстот раме до раме со машките, раскажете ни за Вашата мотивација…

– Бог се јави! Најискрено за ова еве веќе од лани се договаравме со уште една пријателка која сепак не собра сили и се откажа. Бидејќи сум години наназад дел од огранизацијата за “Водици” многупати наидов на прашањето зошто жени не можат да се пријават. На сите им кажувам дека нема никаква пречка бидејќи сите сме Христијани и сме исти и рамноправни пред Бога. Инаку во Македонија се имаат пријавувано и жени ама овде во Германија мислам дека јас ќе бидам првата но догодина се надевам дека ќе има барем 2-3 припаднички од понежниот пол. Инаку мојата цел не е фаќањето на Светиот Крст туку самиот чин да се влезе во осветените води и со тоа да ги потикнам и жените да се охрабрат и да учествуваат во овој Свет Чин кој го симболизира влегувањето на синот Божји во реката Јордан.

Ајде малку раскажете ни за празникот Водици, за тие што не знаат Вие сте сопруга на нашиот парохиски свештеник Отецот Трајче, или по народски кажано,, попадика,, и често го придружувате отецот во сите сфери на црковниот живот, како се празнува овој голем христијански празник и како почнал да се празнува во минатото?

– Водици или Богојавление е денот во кој Св. Јован Крстител го крстил Господ Исус Христос во реката Јордан.

Кога Господ Исус навршил триесет години од Своето телесно раѓање, го започнал Својот учителски и спасителен подвиг. Почетокот стана со Крштението на реката Јордан. Кога Исус Христос се крштеваше во водата на Јордан, на светот му се објави тајната на Божествената Троица. Отецот му се јави на сетилото за слух, Духот на сетилото за вид, а Синот дури и на сетилото за допир. Отецот го изговори Своето сведоштво за Синот, Синот се крсти во водата, а Светиот Дух во вид на гулаб лебдеше над водата. А кога свети Јован Крстител посведочи и рече за Христа: „Еве го јагнето Божјо кое на Себе ги зеде гревовите на светот“ (Јн. 1, 29) и кога Го потопи и крсти Господа во Јордан, со тоа се покажа и Христовата мисија во светот и патот на нашето спасение. Зашто Господ ги зеде врз Себе гревовите на родот човечки и под нив умре (потопувањето) и оживеа (излегувањето од водата); а и ние мораме да умреме како стар и гревовен човек, а да оживееме очистени, обновени и преродени. Тоа е Спасителот и тоа е патот на спасението.

На Богојавление на местото каде што Христос бил крстен  се менува правецот на течење на реката Јордан. Овој ден сите води се осветени и лековити.

Сите Христијани се поздравуваат со зборовите: „Бог се јави!“ – „Навистина се јави!“

Ајде да зборуваме за фрлањето денес.. дали долго се подготвувавте, телесно и психички и нели ви беше ладно во реката?

– Па вообичаено е во ова време да се температурите ниски а оваа година и навистина е зима како што доликува со снег. Посебни подготовки нема,  вообичаено е земањето учество во Светата Литургија и со молитва и верба во Бога пристапуваме кон овој Свет чин.

Убава традиција… Секако фаќањето на крстот претставува чест и среќа за тој што ќе го фати…

Ајде сега нешто околу тоа кои обврски има една попадика, дали е едноставно да се биде жена на свештеник, дали имате исти гледишта во однос на верата или некојпат попадиката има свое видување?

– Е ова е навистина тешко прашање. Па најискрено за тие што не се упатени за еден Теолог да постане свештеник покрај сите други исполнети услови накрај и секако од поважните е давањето согланост од сопругата. Ние, презвитерите или народно познати попадиите даваме усмена и писмена согласност кај надлежниот Владика дека сме согласни и запознаени со свештеничката должност и дека и ние ќе им помагаме на свештениците во извршувањето на истата таа должност. Дури свесни сме дека на прво место е Бог и потребите на парохјаните а потоа семејството. Јас сум израсната во христијанска фамилија и љубовта кон Бога ја спознав благодарение на мојата баба. Кај нас се почитувале сите празници, се одело на Литургии,  редовно се постело така да познати ми се сите правила и канони на Света Црква. Значи како христијани гледиштата во однос на верата ни се исти но организациски секогаш може да дадам некој предлог или идеја.

Навистина уживавме во овој разговор… Дали би сакале повторно да се фрлате за крстот и догодина или можеби сепак не?!

– Па зошто да не само се надевам дека ќе се приклучи уште некоја припадничка на понежниот пол.

Што би ни препорачале на нашите гледачи, можеби некој мотивационен збор за жените повеќе да се пријавуваат на вакви настани?

– Прво отфрлете ги тие суеверија дека жена не може па дури и некои тврдат дека не смее да влезе во водите. Како што сите ние сме крстени без разлика на полот тоа значи дека сме исти и сме христијани.

Ви благодариме уште еднаш, нека се за многу години празниците!

Ви благодарам и на вас и се надевам дека со ова интервју ќе ги мотивираме и жените да земат учество догодина.

БОГ СЕ ЈАВИ!!!

Навистина се јави, за многу години…