Овојпат решивме преку опуштен разговор да претставиме еден наш член, се со цел за да го запознаете нашиот тим подобро 🙂
Македонско сонце: Игор, ти си еден од нашите најактивни членови, редовно постираш околу нашите акивности и со вистински жар и љубов ги информираш луѓето… Ајде те молам раскажи ни за твоите почетоци во Германија.
– Дојдов тука во Германија со цел да започнам нов живот со моето драгоцено семејство и покрај тоа што ретко сме заедно, но навистина тие ми се се во мојот живот. Секогаш слушав муабети од моите претходни колеги во фирмата за парно греење “Еуротер Прилеп” (малку реклама 🙂 ) дека тука во Германија вредниот работник многу се цени и почитува за разлика од кај нас во Македонија. Дојдов тука со голем ризик, велам ризик затоа што незнаев воопшто јазик, ја сменувам мојата професија и идам со непознати луѓе, но навистина кој е упорен успева со Божја помош.
Амин за муабетов…Твојата работа бара големо пожртвување затоа што си определен на теренска работа од понеделник до петок и со твоето семејство се гледаш само за викенди, како постигнуваш да имаш време за се?
– Точно е тоа дека мојата работа е теренска, имено работам со оптички влакна за интернет во фирма која е основана во 2018 год. За викенд сум секогаш слободен и гледам да го посветам максимално времето да бидам заедно со моето семејство да одиме во црквата Света Петка Дизелдорф, да прошетаме во убавите паркови, да зготвам некој убав македонски ручек… Едноставно сакам да ја заменам малку мојата сопруга во кујната. Време за се баш немам доволно, но навистина ако малку подзабрзаш за се ќе стасаш, така сум научен од мал и така ме воспитуваа моите родители, знаете. Се знае дека му недостасувам на моето семејство, посебно на сопругата, сите обврски ги оставам кај неа но навистина е тешко жена да се справува дома со два сина (едниот 16 год., помалиот сега направи 8 год.).
Раскажи некоја интересна случка од работа, знаеме дека честопати морате да ги спроведувате телекомуникациите во домовите, какви домаќини се Германците кога имаат мајстор во куќа ? 😊
– Најпрво сакам да кажам дека се многу прецизни сакаат да бидиш навреме кај нив и доколку не можеш да стигнеш на терминот мора да ги известиш, тогаш тие сепак се благодарни за известувањето. Што се однесува за домајќинлукот нивни, јас сум задоволен знаат да те прашаат што ќе се напијаш, си имат голем мерак за разговор, ме прашуваат од каде доајѓам дали е моето семејство тука, дали сум задоволен тука во Германија (се разбира дека да). Знаат да пофалуваат како работник ако се задоволни дури понекогаш даваат и џепарлак 😊.
Ти си член на црковниот одбор на црковната општина Света Петка Дизелдорф и истовремено дел од управата на Македонско Сонце – Дизелдорф, како се појави твојата желба да помагаш да се одржува македонската традиција, христијанската и националната?
– Член сум на црковната општина Света Петка Дизелдорф и дел од основачите на управата Македонско Сонце-Дизелдорф. Кога разбрав дека има црква тука блиску до мојот град каде што живеам, веднаш се роди желбата да појдеме и да си запалиме свеќа за здравје на сите нас и да се помолиме на Бога и да му се заблагодариме за се што ни подарува. Таму го запознавме Отец Трајче Грозданов кој навистина беше радосен што идат нови луѓе во црквата, исто се запознавме и со други луѓе кој секогаш му помагаја на Отецот околу црковните задачи, така и јас сакав да бидам дел од нив и станав парохијалец на црковната општина. После неколку месеци бев писмено поканет од црковната општина како и сите други парохијалци и имаше годишно собрание на кое се избираа нови членови на управата и бев предложен од господинот Марјан Трајковски, тогашен потпретседател на црквата и бев избран да бидам дел од одборот. Што се однесува за Македонско Сонце, тука сум благодарение на претседателот на центарот д-р Блашко Димковски, кој вложува многу голем труд во неговата професионална работа, но и има многу убави идеи за нас Македонците што сме тука во Германија. Тој ми даде доверба да бидам и јас дел од центарот, кој полека но сигурно ќе биде еден од најдобрите македонски центри во Германија, затоа што се залагаме да го зачуваме македонското оро и фолклор каде што Че има многу дружба со нашите најмили членови во рамки на нашите активности.
Игор, воопшто не не зачудува зошто си дел од вакви активности, твојата енергија и љувов за се што е македонско јасно се покажува…
Дали ви недостасува Македонија, и пред се Прилеп, што ве поврзува со Татковината, каде одите најчесто кога сте во Македонија?
– Секако дека недостасува Македонија, ама онаја која беше пред неколку години, сегашната ја немам видено искрено да кажам. Ми недостасуваат другарите, комшиите, родителите, сестра ми… Ми недостасуваат многу роднини и пријатели, но ја нема таа хармонија што ја имало порано, едноставно не е исто.
Прилеп (ебаго :-)) ми фали многу, сакам да си појдам на Mаркукуле, горе на Tапаче, да се извикам како порано. Најчесто одиме во Манастирот Зрзе, Св.Наум во Охрид и се разбира дека посетуваме повеќе прилепски кафеани во кои се подготвува најубавата скара на жар, како и познатиот Прилепски ширден…
Вкусно… Прилеп се уште одржува традиција на традиционални македонски јадења, кои сигурен сум некои од помладите нашинци ги немаат ни пробано… Како се адаптира твоето семејство на животот во Германија, знаеме дека се дружите доста со наши во Менхенгладбах, како се дружат нашите во твојот град, колку наши семејства има по твое таму?
– Знаеме колку е тешко да се снајдиш првите неколку месеци, но Господ кога сака, Че ти испрати некој за да успееш. Така и ние, се снајдовме и зедовме стан со еден колега заедно. После шест месеци стигнаа мојата сопруга со децата веднаш штом направивме дозволи за престој.
Беше многу тешко на почеток, немавме многу работи, немавме интернет, телевизија, скоро ништо што е побитно во денешно време единствено што имавме беше удобно место за спијање.
Поголемиот син Леонид го запишавме во училиште, малиот Неофит во градинка, за во градинка требаше многу да чекаме… Големиот син после три недели почна да оди во училиште со автобус, одалеченост од дома 8 км што нас не фаќаше поголем страв затоа што во Прилеп учеше во о.у. Блаже Конески на 3 минути пешки од дома, но се снајде за брзо време. Инаку многу се среќни, сега тука се адаптираа, климата е малку повеќе влажна но се можи.
Имаме доста пријатели тука во Менхенгладбах, имаме пријатели од повеќе националности… Тука се запознавме и со семејството Ташкоски со кои нашите деца заедно учеја во Прилеп, но ние сме немале можност да се запознаеме во Прилеп. Господ тука на спои и живееме како цел живот да сме биле заедно. Во летниот период секој викенд правиме заедно ручек и наша скара.
Знаеме да се собереме за слави и онака да си поседиме без повод.
Само во Менхенгладбах најмалку 15 семејства, а мислам дека има можеби и повеќе…
Секој почеток е тежок, но мене највеќе ме импресионира твојата позитивна енергија и начинот на кој тоа го доживуваш, многу Македонци фрлаат дрва и камења кон ова општество, иако дошле тука за подобар живот. Сепак треба објективно да се гледа на работите, секој почеток било каде е тежок, па така и тука, но за се си треба време и трпение…
Што би им препорачал на нашите читатели, како да се задржи таа твоја енергија за промовирање на македонската култура, традиција и дружење, а сепак да е човек успешен во тоа што го работи…
– Што би им препорачал, да не гледаат многу на материјални работи, да си ја опуштат душичката и да си го терат животот мирно и чесно и ако направат грешка да си ја признаат а не да напаѓаат некој друг. Животот е еден, нема реприза живејте го, помогнете на другите да ви помогнат и на вас и не е се до парите “парите се отепувачка”, здравјето е најбитно од се, сакајте се и ширете позитивни насмевки… Секако ги повикувам сите читатели да дојдат на нашиот промотивен концерт на Некст тајм за Св. Трифун/Василица за кој сите со нетрпение го очекуваме… Ги поздравувам и сите роднини и пријатели им посакувам многу здравје 🍀
Благодарам многу Игор за ова интервју во шмекот на прилепскиот дијалект, секоја заедница би била среќна кога би имала повеќе луѓе како тебе што си ја сакаат татковината и се што не зближува како Македонци, без разлика каде и да сме во светот…