Наташа Мицкоски– адвокат од Македонија, која работи како адвокат во адвокатска канцеларија во Дармштадт, Германија, со посебен акцент на советување и примена на македонското право. Со искуство во раководење со правни случаи во Македонија, таа нуди експертски услуги во области на наследно право, семејно право и други области на македонската правна регулатива.
Госпоѓо Мицкоски, добредојдовте во програмата на Македонско Сонце – Дизелдорф и благодариме што сте тука денес со нас и што имаме можност да го направиме ова интервју:
Makeдонско сонце: Раскажете ни за Вашиот пат до Германија и Вашето доѓање тука…
Наташа Мицкоски: – Најпрво, ви благодарам за поканата и можноста да го споделам моето искуство. Дипломирав на Правниот факултет во Скопје во 2009 година. По завршувањето на студиите, веднаш започнав со стажирање како адвокатски приправник во реномирана адвокатска канцеларија во Скопје, каде се стекнав со практично искуство и ја изградив својата правна основа. Во 2014 година го положив правосудниот испит и ја добив лиценцата за адвокат, што беше значаен момент во мојата професионална кариера. Следните три години активно работев како адвокат во Скопје и стекнав големо искуство во судските постапките и правната пракса.
Во 2017 година, со моето семејство, донесовме одлука да се преселиме во Дармштадт, Германија. Оваа одлука беше мотивирана од желбата за подобра иднина за нас и нашите деца, како и за поголеми можности за професионален развој. За нас, преселбата беше начин да ја прошириме нашата перспектива и да се соочиме со нови предизвици.
Многу интересно, може ли да ни објасните нешто повеќе околу тоа што го работите и Вашата специјалност, кои се Вашите работни обврски и како изгледа едно секојдневие на Вашето работно место?
– Во ноември 2021 година се вработив во адвокатската канцеларија во која работам и денес. Започнав како стручен соработник, а по одреден период добив признавање од Адвокатската комора во Франкфурт како адвокат од Македонија.
Во нашата канцеларија работиме четворица адвокати, специјализирани во областа на семејното, наследното право и работните односи. Моја примарна специјалност се наследното и семејното право, а во рамките на мојата работа, имам дозвола да даваам правни совети исклучиво во областа на македонското право, што ми овозможува да ги помагам клиентите во македонското право, но истовремено да се адаптирам на правните прописи во Германија. Овој меѓународен контекст и можноста да работам со различни правни системи е тоа што ја прави оваа работа исклучително динамична и предизвикувачка.
Дали знаевте германски јазик кога дојдовте и дали се сретнавте со некакви потешкотии во однос на промената на државата поради работниte обврски?
– Германскиот јазик го познавав на основно ниво, доволно за секојдневна комуникација во маркет, банка или кај доктор, но само на приемен шалтер😊. Пред да се преселиме, со сопругот посетувавме интензивен тримесечен курс во Македонија, со цел полесна интеграција во Германија. Кај него тоа беше поедноставно, бидејќи работи на англиски, но за мене беше јасно дека ќе морам темелно да го совладам јазикот за да можам да работам по струка.
По пристигнувањето, веднаш се запишав на интензивен јазичен курс и цели две години учев и полагав испити за да стигнам до ниво Ц1. Повторно да се најдам во „училишни клупи“, со тестови и домашни задачи, беше голем предизвик, но мотивацијата за успех беше огромна.
По завршувањето на курсот, се запишав на дополнителна програма на Факултетот за општествени науки во Франкфурт, наменета за правници и економисти од странство. Таму детално ги изучувавме германските закони и прописи, што ми беше неопходно – бидејќи јазикот веќе добро го владеев, но ми недостасуваа стручните правни термини. На крај успешно ги положив испитите и ја завршив програмата, што беше клучен чекор кон мојата професионална интеграција во Германија.
Какво влијание имаа културните разлики на Вас и Вашето семејство во однос на животот во Македонија и Германија?
– Секоја преселба во нова држава носи свои предизвици, особено кога станува збор за културните разлики. Најголемата промена за нас беше прилагодувањето на поразличниот начин на живот, во Германија сè е многу поорганизирано, систематично и строго се почитуваат правилата. Ова беше голема промена, особено во однос на секојдневните навики и начинот на комуникација.
Во Македонија сме навикнати на подиректни и потопли односи меѓу луѓето, додека во Германија меѓучовечките односи се малку подистанцирани. За нашиот син прилагодувањето на новиот јазик и образовниот систем беше голем предизвик, но благодарение на структурата и поддршката во училиштата, тој брзо се вклопи. Од друга страна, дисциплината, почитувањето на времето и независноста што се поттикнуваат во Германија, се нешта што многу ни се допаѓаат и ни помогнаа полесно да се адаптираме.
Со текот на времето, научивме да ги комбинираме најдобрите аспекти од двете култури – топлината и блискоста од Македонија со структурата и прецизноста на Германија. Тоа ни помогна не само да се адаптираме, туку и да го збогатиме начинот на живот како семејство.
Како изгледа работата со Германците а како со Македонците, посебно во светот на правото, дали општествените разлики делуваат на културата на луѓето, сега кога можете да споредите…
– Работата во правниот сектор сама по себе бара дисциплина, структуриран пристап и големо внимание на деталите, но разликите помеѓу германскиот и македонскиот начин на работа се доста забележливи.
Германците се многу организирани, прецизни и строго се придржуваат до роковите. Очекуваат јасна и конкретна комуникација без премногу формалности, но со голема одговорност кон секој чекор во процесот. Системот е поставен така што секој знае што треба да направи, а однапред дефинираните процедури оставаат многу мал простор за импровизација. Односот кон работата е крајно професионален – се работи ефикасно, без непотребни одолжувања, а времето на клиентите и колегите се почитува максимално.
Во Македонија, пак, работните односи се малку пофлексибилни и личните контакти често играат голема улога. Луѓето генерално се поотворени за неформални средби и неретко професионалните односи преминуваат во пријателски. Ова може да биде предност во одредени ситуации, но исто така понекогаш води до одложувања или недоволно јасно дефинирани очекувања.
Културните разлики дефинитивно влијаат на работната етика и пристапот кон правото. Во Германија, правниот систем е многу детален, процедурите се јасно утврдени и ретко има простор за субјективни толкувања. Од друга страна, во Македонија, иако законите се јасни, во пракса има повеќе простор за „флексибилност“ и различни толкувања на законските одредби.
Сумирано, германскиот пристап ми помогна да станам уште поорганизирана и методична во работата, додека македонскиот пристап ми овозможи да ја задржам емпатијата и човечката страна на професијата. Верувам дека најдобрата комбинација е да се извлечат позитивните страни од двата системи – германската дисциплина и ефикасност со македонската топлина и непосредност во комуникацијата.
Успехот на професионален план е неминовен кога се трудиме и сме доследни на нашата цел,… но која е Наташа Мицкоски приватно, дали успевате и поред толку специфичен обсег на работа, промена на државата и приватни обврски да имате време и за себе и семејството-
– Како и кај многу луѓе што се посветени на својата професија, одржувањето рамнотежа меѓу работата и приватниот живот е предизвик, но сметам дека е исклучително важно. Приватно, јас сум сопруга, мајка и пријателка која секогаш се труди да го најде времето за најблиските. Семејството е мојата најголема поддршка и движечка сила, па без разлика на обврските, се трудам да имам квалитетно време со нив – било тоа да е заедничка прошетка, викенд патување или семеен ручек.
Воедно, научив дека за да бидеме успешни во работата, мораме да најдеме време и за себе. Читањето, патувањата и физичката активност ми помагаат да одржам баланс и да останам мотивирана. Дури и кратките моменти на одмор – добра книга или кафе со пријатели имаат големо значење за енергијата и мотивацијата со кои продолжувам понатаму.
На крајот на денот, најважно ми е да се чувствувам исполнето, и професионално и приватно. Верувам дека успехот не е само во кариерата, туку и во тоа да имаме здрав, среќен и балансиран живот.
Дали често патувате и имате можност да ја посетите Македонија, можеби имате можност стекнатото знаење да го споделите и со македонските научници, или дури во иднина и да се вратите и таму да го спроведете стекнатото искуствпо, какви се Вашите планови за иднината?
– Македонија секогаш ќе биде посебно место за мене, бидејќи таму е моето семејството и многу драги луѓе. Се трудам што почесто да ја посетувам, иако, поради професионалните и семејните обврски, тоа не е секогаш едноставно.
Што се однесува до споделувањето на знаењето, секогаш сум отворена за соработка со колеги од Македонија. Верувам дека интернационалното искуство е голема предност и дека можеме многу да научиме едни од други. Дигиталната ера овозможува полесна размена на информации и идеи, па затоа со задоволство би учествувала во проекти, работилници или иницијативи што можат да придонесат за развојот на правната професија во Македонија. Веќе имам добиено покани за соработка со колеги и институции од Македонија, што со задоволство би ги реализирала кога ќе се појави вистинската можност.
Што се однесува до иднината, за сега сум целосно фокусирана на кариерата и животот во Германија, но никогаш не велам „никогаш“. Животот носи неочекувани можности, Најважно ми е да продолжам да се усовршувам, да придонесувам каде што можам и да бидам опкружена со позитивни и мотивирани луѓе.
Дали Ви недостасува дружење со Македонци во Вашата околина и дали постојат македонски здруженија-
– Секако, дружењето со Македонци секогаш носи посебна енергија и атмосфера што е тешко да се замени. Иако со тек на време создадов круг на пријатели од различни националности, дружењето со наши луѓе секогаш има посебна вредност, споделуваме ист јазик, култура, хумор и традиции, што создава чувство на блискост.
За среќа, во Дармштадт и Франкфурт имаме доста пријатели Македонци со кои се дружиме секојдневно и сме како една голема фамилија. Тие пријателства се навистина драгоцени.
Во мојата околина поточно во Маинц, постои македонско здружение, каде што луѓето се собираат на разни настани, прослави или едноставно за дружење. Овие заедници се одличен начин за одржување на врската со татковината, но и за меѓусебна поддршка, особено за оние кои се новодојдени. Секако, поради динамичниот начин на живот и обврските, не секогаш е лесно да се најде време за чести средби.
Особено сум среќна што во склоп на македонското друштво во Мајнц има и настава на македонски јазик, каде мојот постар син успеа да научи да чита и пишува кирилица. За тоа сме посебно благодарни на наставничката Бисера, која е извонреден пример за посветеност и љубов кон нашата култура и јазик. Ова е многу важно за нас како семејство, бидејќи сакаме нашите деца да растат со сознание за своето потекло и да го задржат македонскиот јазик.
Ви благодариме на ова исцрпно интервју Ви посакуваме се најубаво на професионален план на Вас и Вашето семејство.
– Ми беше задоволство да го споделам моето искуство со вас и да одговарам на вашите прашања. Ви посакувам многу успех во вашите идни проекти. Благодарна сум што ми дадовте можност да учествувам во ова интервју и се надевам дека споделувањето на моето искуство ќе биде корисно и инспиративно.