Томислав, Виe сте факултетски образован музичар, каде завршивте факултет, дали тоа беше причината за вашето доаѓање во Германија? Раскажете ни околу Вашето доаѓање тука..
– Пред да одговорам на тоа би се навратил на мојата музичка едукација во Македонија каде што почна целата приказна и тоа во средното музичко училиште во Битола, отсек ударни инструменти кај професорот Вангел Шурбевски, каде што имав среќа да сум прва генерација на овој отсек. По завршувањето на средното музичко училиште продолжив на Факултетот за музичка уметност во Скопје кај професорката Мојца Седеу. Во текот на студиите ја добив можноста по пат на аудиција да станам член на Светскиот Младински Oркестар со седиште во Берлин како единствен од Македонија во таа година.
Таму ја имав можноста да свирам покрај другите сали и во Берлинската филхармонија со одлични млади музичари од цел свет и ми претставуваше голема чест, ментор да ми биде Тимпанистот на Берлинската филхармонија.
После тоа огромно искуство, желбата и целта ми беше да ги продолжам моите студии во Германија. Со помош на неколку колеги од Македонија што веќе студираа во Германија, ги поднесов документите за приемниот испит, полагав аудиција и за моја среќа бев примен. Истите многу ми помогнаа на почетокот на кои сум им благодарен од срце.
На факултетот го усовршував оркестарскотото свирење и правев практика во синфониски оркестар, се со цел да го остварам мојот сон.
Тоа се покажа многу успешно и по неколку години потпишав привремен договор со Операта од Штутгарт, пред да ја добијам мојата сегашна постојана работа.
Каде работите сега, како изгледа една таква аудиција и какво е Вашето чувство да бидете дел од една таква филхармонија?
– Веќе 15 години свирам во Есенската филхармонија каде што изведуваме синфониски концерти но и опера и балет. Имаме две прекрасни сали, кои се наоѓаат во градскиот парк во Есен, има околу 700 вработени и имам можност да работам и се дружам со колеги од многу различни земји од светот.
Пред да бидам поканет на главната аудиција морав да поминам пред аудиција во натпревар со огромен број на други перкусионисти, од кои околу 20 бевме поканети на главната аудиција.
Конечно, јас ја имав таа среќа и чест по успешно помината пробна година, да станам нов член на овај прекрасен оркестар, кој важи за еден од најдобрите во Германија.
Ја имам таа привилегија да го работам тоа што го сакам и секојдневно ми претставува задоволство да изведувам музика и да сум на сцена. Свириме со врвни диригенти и солисти од цел свет од кои секојдневно учам и се надградувам.
Инаку, нашата професија често се споредува со спортот. Исто како и спортистите, треба да сме физички и психички спремни и секојдневно да се трудиме да ги одржуваме телото и духот во добра кондиција.
Која претстава или концерт Ви била највпечатлива, дали сте свиреле со некоја позната музичка звезда и дали покрај филхармонијата имате и други проекти?
– Од концертите на класична музика би го издвоил концертот со маестро Лорин Мазел каде што jа изведовме осмата синфонија на Густав Малер а беа повеќе од илјада изведувачи на сцена.
Од популарната музика, би го издвоил концертот со Стинг каде што изведовме негови песни во еден поинаков аранжман, имено со синфониски оркестар, кој концерт ќе ми остане во доживотно сеќавање.
Посебна чест и задоволство ми претставуваше кога нашиот маестро Симон Трпчески покрај неговите настапи низ целиот свет, конечно настапи како солист со нашата филхармонија во Есен со кој концерт ја затворивме сезоната во таа година.
Покрај мојот оркестар, кога имам време гостувам и со други оркестри во Германија, свирам во камерни и барок ансамбли, одам во градинки каде на децата ги претставувам ударните инструменти итн. Меѓудругото, повремено држам мастер класови по ударни инструменти и следниот ќе ми биде за скоро на факултетот за музичка уметност во Есен.
Истотака, морам да напоменам дека со гордост го свирам македонскиот традиционален тапан и пробувам да го вметнам во различни комбинации и жанрови од музиката која ја изведувам.
Знаеме дека сте пријатели со нашиот музички Маестро госп. Симон Трпчевски, што можете да ни кажете околу вашата соработка и пријателство и околу него лично?
– Тоа убаво го кажавте. Тој е нашиот најголем музички амбасадор кој настапува низ целиот свет и безрезервно ја претставува и промовира Македонија. За нашата соработка веќе раскажав претходно а се планира и нешто во иднина.
И покрај неговата слава, Симон на сцена е харизматичен, комуницира со публиката и едноставно ги плени нивните срца. Приватно, воопшто не е поразличен од тоа како го опишав погоре, има ведар дух, многу приземен и голем другар. Штом е во Германија и во наша близина, се обидувам да ги посетам неговите концерти и после тоа да си поприкажеме и наздравиме со македонска ракија😊
Семејството го основате во Германија, какви се контактите со Татковината и како вашите најблиски се чувствуваат во врска со нивното потекло?
– Точно, нашите деца се родени во Германија. Синовите имаат 11 и 8 години а ќерката 5 години. Си одиме само за летниот распуст за Македонија, но се обидуваме да останеме што можеме подолго. Фамилијата на мојата сопруга е претежно во Скопје а мојата во Битола. Патуваме многу, така што секогаш имаме чувство дека времето ни е прекратко за да се видиме со сите блиски и пријатели.
Нашите деца многу се радуваат кога одиме за Македонија и уживаат со нашите најблиски.
Одлично го зборуваат македонскиот јазик и тоа што најмногу ме радува е тоа што во училиште често зборуваат за Македонија и во различни проекти со гордост ги претставуваат нејзините убавини.
Каков е Вашиот контакт со Македонците од околината, и покрај тоа што работоте претежно со Германци, дали ви фали комуникација и дружба со Македонци?
– Покрај колегите и пријателите Германци, имаме тесен круг на пријатели Македонци со кои кога времето дозволува, се дружиме фамилијарно. За православните празници се обидуваме да одиме во црква или прослава во Дизелдорф или Дортмунд каде што има голем број на Македонци, што многу ме радува.
Томислав, Ви благодариме на убавиот разговор, дали нешто би сакале на слободна тема да кажете и би им порачале на нашите читатели..
– Ви благодарам на поканата и ми претставуваше задоволство. Ви честитам за иницијативата за основање на овој Македонски културен центар и посакувам што повеќе Македонци да ве следат и ја користат можноста да се информираат на различни теми. Честитки и за можноста, децата да го изучуваат македонскиот јазик и формирањето на играорната секција и се надевам дека голем број на дечиња ќе земат учество.
Мене би ми било мило на некој поголем концерт, ако бидам поканет, да ги придружувам со музика во живо и со македонскиот традиционален тапан.
На нашите Македонци би им порачал да продолжат и понатаму да си помагаат што со одговори на прашања на електронските медиуми но и на дело и меѓусебно да се почитуваме. На крај, да веруваат во себе, да се борат за остварување на нивните планови и соништа и да сме уште повеќе сплотени и горди на тоа што сме.
Ви благодарам уште еднаш и се гледаме за скоро на некој празник или прослава.
Ви Благодариме и ние за прекрасниот разговор, вашата приказна нека биде инспирација на сите Македонци да си работат во животот тоа што го сакаат, без разлика во која држава, се гледаме секако наскоро 🙂