Денес зборуваме сo Столе Ѓоргиев од Нојс, избран за еден од највредните работници во Höffner
Македонско Сонце: Здраво Столе, како си, како животот во Германија 🙂
– Здраво до сите Македонци и до Mакедонскиот културен центар – Mакедонско Сонце. Добар сум, Ви благодарам за почитта и за интервјуто. Животот во Германија не е едноставен – многу е поразличен од она што сме мислеле дека е, додека бевме во Македонија.
Од кога сте тука и како се одлучивте за овој чекор, како се интегриравте во ова општество, дали јазикот ви претставуваше проблем
– Овде сум скоро една деценија и можам да кажам дека помина многу брзо… како да беше вчера. За овој чекор се одлучив затоа што неколку години работев во неколку европски земји и добив можност да дојдам и работам во Германија. Семејството ми ја даде подршката за да дојдам и прилагодам, да најдам стан за да можат да дојдат и тие и да се соединиме како семејство. Така дојдов и поминав како скоро секој на почетокот – низ сито и решето, одделен од фамилијата, без пријатели и без познавање на јазикот… не беше баш лесно.
На почеток не посетував курс по германски, затоа што по цел ден работев. Подоцна кога дојде мојата фамилија се среди и тој проблем. Сите заедно го изучувавме јазикот.
Каков беше животот во Македонија претходно, што работевте, дали одите уште таму?
– Животот во Македонија исто така не ми беше лесен. Имаше многу слобода, пријатели и работа, но тешко да ти се исплати трудот. Се што сум стекнал било со многу труд и мака. Работев на повеке работни места: градежништво, земјоделие, во кројачница, приватно со мебел итн…
Исто така бев мобилизиран во конфликтот во 2001/02 и достоинствено и чесно одговорив на повикот да бидам на браникот на нашата родна Македонија.
Инаку во Македонија одиме секоја година, затоа што ги имаме родителите таму и се разбира дека сакаме да ги посетиме.
Тука сте со фамилијата, редовни сте во црквата, вашата сопруга Натка е дел од управата таму, како се приклучивте и интегриравте повторно меѓу Македонци?
– Мојата сопруга со децата дојде 2 години подоцна и јас постојано работев а таа се грижеше за 3 деца. Тие одсекогаш редовно одеа на црква но тука на почетокот се чуствуваа осамено и незаштитено. Затоа понекогаш одевме во Дортмунд или во Српската православна црква во Дизелдорф, но од 2018 одкако се стартува со богослужбите на нашата црковна организација ,,Св.Петка,, ние сме редовни таму на богослужбите што ги одржува Отец Трајче. Таа упорно им кажува на Македонците дека треба редовно да доаѓаме на црква и да не има во поголем број – и ете со својот ангажман и љубов стана член на управата.
И токму така започна се, убаво е и не сме повеќе сами. Нашето семејство се зголеми со многу браќа и сестри Македонци со кои редовно се гледаме како во црквата, така и приватно, на играорна, на часовите по македонски јазик, на другарување во Монте Гранде ресторанот во Нојс итн.
Сега не изненади твој пост на фејсбук каде гледаме дека си поминувате многу убаво со работни колеги во Анталија, Турција, имено избран си за еден од највредните работници од вашата фирма, ајде раскажи ни повеќе околу тоа. За тие што незнаат да кажеме дека Höffner е меѓу најголемите гермаски фирми за мебел со огромен изложбен салон во Нојс.
– Пред 6 години имав можност да се вработам во повеќе фирми и една од тие беше и Хоффнер. Морам да бидам искрен, затоа што многу се двоумев дали да ја искористам можноста за во Хоффнер. Најмногу се двоумев заради тешкотиите со јазикот, но со подршка од сопругата која велеше дека тоа е прекрасна можност затоа што со секојдневната комуникација ке ми се подобрат јазичните способности, прифатив. Затоа сакам да и се заблагодарам нејзе, затоашто ми е голема подршка за се и сега знам дека не погрешив.
Знаев дека Хоффнер ги наградува најдобрите работници со патување на егзотични дестинации, но неверувам дека и јас еден ден ке бидам дел од нив.
Токму оваа година и јас сум еден од најдобрите од 250 работници.Така на 26.01.2024 со другите избрани мои колеги заминавме за Турција, во Анталија. Хотелот Делфин – Империјал недалеку од морето беше ексклузивен и услугата беше на високо ниво.
Поминав 4 незаборавни и неработни денови со моите колеги посетувајќи ги убавините на знаменитостите на градот и хотелот, пропратено со картинг, диско забави и др. Ова ми е едно незаборавно доживување кое имав можност преку наградување од фирма како што е Хоффнер да го доживеам.
Како што кажавте, Хоффнер е една од најголемите фирми за мебел во Германија. Фирмата е со огромен изложбен салон во Нојс, сите може да дојдете и да се уверите во квалитетот и понудите на производите.
Баш убаво, секој пат кога е вреден еден работник треба да се награди, нека биде ова пример за сите наши Македонци работници да бидат повредни но и за нашите Македонци работодавци дека вредниот работник злато вреди и треба да се цени почитува и наградува
Сакам да им кажам на сите дека меѓу нас има многу вредни луѓе и работници, без разлика во кој сектор работат и без разлика која титула ја имаат. И сакам секој да се надева на најубавото и најдоброто и да се претставиме ние Македонците во најдобро светло пред германското општество.
Во Германија има многу наши луѓе кои се чесни, вредни и достојни и со своите таленти придонесуваат во германското општество и не прават нас Македонците да се чувствуваме горди.
Многу ни беше убав овој разговор, дали би сакал нешто да им кажеш на нашите читатели
– На нашите читатели, на браќата и сестри Македонци имам нешто да им порачам: браќа и сестри Македонци – кога сме веќе дојдени во Германија- потрудете се прво и основно да го научите јазикот. Работете чесно и вредно, бидете независни и со вашиот труд порано или подоцна ќе бидете наградени.
Помагајте си помеѓу себе, достигнувајте ги поставените цели и стремете се кон повисоки.
Кога сме овде далеку од својата родна земја – мајка Македонија, Германија не спојува овде и имаме можност за тоа. Овде можеме да да ја посетуваме нашата црква Св.Петка на Bachstraße 8, во Ратинген. Ја имаме можноста со Отец Трајче да ја слушаме богослужбите на нашиот јазик – македонски. Можеме да се молиме за прошка на гревовите и да го славиме Бог сите заедно, затоа треба редовно да доаѓаме на богослужба сите заедно и сплотено.
Германија ни ја дава можноста нашите деца да го изучуваат македонскиот јазик – со наставничката Анита имаме настава во Нојс, Дизелдорф и Ратинген. Нашите деца имаат можност да ги научат нашите традиционални ора во организација на Др.Блашко и екипата од македонскиот културен центар ,,Македонско Сонце каде учители се Борис, Севдалина и Александар а исто така во склоп на програмата на центарот редовно имаме интервјуа со нашинци од околината преку кои имаме можност да запознаеме многу интересни личности Македонци од сите сфери.
Уште еднаш сакам да се заблагодарам на МКЦ ,,Македонско Сонце‘‘ за довербата што ми ја дадовте да бидам ваш соговорник каде што накратко преку настанот награден работник во Хоффнер имав можност да ви раскажам дел од мојата приказна во Германија.
Воедно сакам на сите нашинци во Германија да ги повикам да бидеме дел од големиот концерт на Некс Тајм што ке се одржи на 17.02.2024 во Хилден, НРВ. Дојдете да се дружиме сите заедно и сложно и да ја негуваме нашата стара македонска песна- каде има слога – има и Бога! Велат дека ,,не нема,, но ние многупати докажавме ,,еве сме, многу – малку, тие сме- Македонци горди и весели во Германија.
Поздрав – ве сакам сите.
Ти благодариме Столе и на тебе за убавиот разговор и што ја сподели твојата приказна со нас, се гледаме и се најубаво ти посакуваме на тебе и твојата фамилија, поздрав