Денес имаме особена чест и задоволство да разговараме со нашата сонародничка која и поред успешната музичка кариера во Македонија, животниот пат ја донел во Дортмунд Германија
Maкедонско сонце: Здраво Сања, за оние читатели што се тука родени и можеби не те знаат, да раскажеме малку за почетоците на твојата музичка кариера во Македонија.. Колку што ние се сеќаваме, се почна со најгледаното македонско музичко шоу во 2002 година ,, Плеј потрага по звезди,, организирано од музичката М2 Продукција од која заедно со тебе излегоа многу познати музички имиња. Твојата прва забавна песна ,,Лијат години,, ја паметиме до ден денес и од тогаш почна да ја градиш својата соло кариера на забавната музичка сцена настапувајќи на многу фестивали и соработувајки со познати композитори во Македонија. Од останатите твои песни издвојуваме: Пауза па плеј, Солза по солза, Животот е твој, Врати се… Меѓутоа и покрај таквите ангажмани и настапи, ти продолжи професионално да се школуваш и сега работиш во Музичко училиште во Дортмунд, отсек поп пеење и клавир. Може ли да ни раскажеш повеќе околу твоите почетоци и кариера пред да дојдете во Германија…
– Најпрвин благодарам за укажаната почит што стапивте во контакт со мене. Моите почетоци со пеењето започнаа од моја 6 годишна возраст по фестивали за деца имитатори. На 9 годишна возаст веќе настапував на детскиот фестивал “Дин Дон” со моја кантавторска песна “Осамена” каде што го освоив првото место и која беше детски хит на годината 1997 година. Понатаму следуваа многу детски фестивали каде што активно учествував, но на 15 годишна возраст мојот чичко без да знам однапред ме пријави на музичкото шоу ,,Плеј потрага по ѕвезди” и тоа ми го промени животот, зошто благодарение на неговата пријава успеав да се натпреварувам и да влезам во финале при што ја снимив песната “Лијат години”( авторска песна на Дарко Димитров и Александар Митевски) која имаше многу голем успех. Можам да кажам дека од тогаш почнав професионално да се занимавам со музика. Тогаш аудицијата беше во Штип, каде што учев во Средното музичко училиште ,,Сергеј Михајлов”. Заради ангажманите, на само 16 години се преселив во Скопје каде што го продолжив музичкото школување и паралелно ја градев мојата музичка кариера. Секако имав многу поддршка од мојата сестра која тогаш беше студент на Музичкиот факултет во Скопје.
Како дојдовте до идеата и што беше пресудно да дојдете и да живеете во Германија , дали имавте сомнежи дека можеби ќе биде тешко да се продолжи таква кариера како твојата, знаејќи дека овде најчесто има работа за други професии…
– Јас целиот мој живот го посветив на настапи и на музичкото образование. Имав многу турнеи низ Европа, Австралија и Турција, но секогаш сум се враќала назад во Македонија. Никогаш не ни помислив дека некогаш ќе живеам и ќе работам во друга земја. Но, таков е животот и никогаш не се знае. Сега веќе сум 7 години во Германија и работам во музичко училиште во Дортмунд.
Но за мене ова не беше непозната земја, зошто јас од бебе па до 5 годишна возраст заедно со моите родители и мојата сестра веќе имавме живеено во Германија. Мене германскиот јазик ми беше прв јазик што го зборував како мала, но ете судбината ги натерала моите родители да се вратиме во Македонија и сега, дури после 20 години јас со моето семејство да се вратам и да живеам и работам повторно тука.
Пресудно за да дојдеме беше можноста што во поголема земја може повеќе да се успее на музички план и што јас и сопругот сметавме дека нашите деца би имале повеќе можности за успех, што не значи дека можноста да се вратиме не е вклучена, зошто Македонија е нашата родна земја и секогаш ќе ја сакаме.
Тука сте со семејството, како се снајдовте на почетокот и како се прилагодуваат Христови на животот во Германија?
– Почетоците не беа лесни. Имаше многу стресни ситуации додека ги средивме сите документи околу престојот и визите за моето семејство. Дојдовме фамилијарно заедно со сопругот Мики и мојот син Никола кој тогаш имаше само 2 години и зборуваше само македонски и англиски.
Моравме да чекаме да добие место во градинка и да го изучува германскиот јазик, немаше другарчиња и се ни беше ново и непознато.
Мојот втор син Лукас е роден тука во Германија во 2018 година и веќе зборува германски, англиски и одлично македонски. Мојот сопруг се прилагоди на условите и работи во областа на гастрономијата и менаџирањето.
Јас морав да посетувам настава и да волонтирам во државно музичко училиште за да го научам образовниот систем во Германија, се со цел да се дообразувам и да можам да работам и да функционирам. Паралелно морав да учам јазик, да работам со ученици и да пејам за да заработувам… Но сето тоа е надминато и сега можам да кажам дека покрај тоа што сум професорка по музика, паралелно имам настапи низ цела Германија па и соседните земји и држам индивидуални часови по клавир и пеење.
Сега одлично функционираме фала му на Бога и веќе се си дојде на место, но имаше еден многу тежок период за нас како семејство да се прилагодиме во новата средина. Можам да кажам дека првите 3 години беа борба на самиот со себе и дали можеш да издржиш и функционираш во странство или да се вратиш назад во родната земја. Не секој може да издржи, но за нас сите пречки беа мотивација за успех.
Сега важно сте тука, кој најчесто Ве ангажира, во смисол нашинци или германци и каков репертоар на песни пеете и општо кои песни се бараат?
– Настапувам на доста концерти и прослави кај македонци, германци и балканци во Германија и околните земји. Репертоарот е различен, зависно од потребите на лугето што не ангажираат, од германски, англиски, македонски и забавен, па се до народен. На настапите најчесто ги пејам и моите песни, македонски забавни евергрини и познати македонски народни песни. Често пати настапувам сама со матрици, некој пат со клавирист или со бенд, се во зависност од потребите.
Се надевам дека после ова интервју ќе дознаат повеќе наши Македонци и ќе се зголеми ангажманот, сепак мислам дека со Вашиот репертоар може да се прилагодите на секој вкус.. а и најбитно е да почнеме како Македонци да се вмрежиме и постојано да си помагаме меѓу себе. Инаки по наше мислење треба да се негува секој вид на македонска музика, на пример и забавната, не само народната…
– Се надевам и јас и Ви благодарам на вниманието уште еднаш. Секако репертоарот може да се прилагоди и формира во зависнист на потребите. Ќе ми биде мило доколу нашите македонци би организирале повеќе манифестации каде што ќе можеме со песна да се дружиме меѓу себе…
Дали сте сеуште во контакт со некои наши музички звезди, можеби некои дури се преселиле во Германија?
– Сеуште контактирам скоро со цела македонска естрада. Секако дека уште се дружиме и ме чекаат во Македонија или пак тие доаѓаат во посета… Има и доста што веќе живеат во соседните држави, но се слушаме и комуницираме преку Инстаграм и Фејсбук.
Колку често патувате за Македонија и какви чувства негувате за нашата татковина?
-Македонија отсекогаш била и ќе ни биде наша земја. Одиме колку што ни дозволува времето и работата. Мојот син Никола сеуште копнее за другарчињата во Македонија и сака да живее таму, но се трудиме да не му недостасува и да одиме почесто.
Еден дел од нашите читатели знаат дека ќе настапувате на престоечкиот концерт со Некст Тајм, дали може да им откриеме нешто околу репертоарот како за вашиот македонски колега клавијатурист Дејан Здравков кој ќе ве прати на настапот…
– Би сакала да искажам благодарност до МКЦ МАКЕДОНСКО СОНЦЕ Дизелдорф за поканата и за организацијата на ваков вид на концерт каде што ке можат да дојдат младите и постарите генерации.
Концертот ќе се одржи на 17 Фебруари од 17:00 часот. Ќе започне со мојот настап и пеење во живо на Националната химна на Македонија, а понатаму ќе се пејат македонски забавни евергрини, моите, како и познати македонски народни песни а ќе ме придружува мојот колега клавијатурист и пејач Дејан Здравков од Македонија.
Би сакала да ги поканам сите македонци заедно да ги пееме сите познати македонски рефрени и да го прославиме големиот христијански празник Свети Трифун.
И покрај сите преубави македонски песни, сигурно нема да изостанува и некоја патриотска како ,,За многу години Македонци,, нели 😊
-Секако. Репертоарот веќе е спремен и ветуваме добра забава.
Ви благодариме за ова многу убаво интервју во пресрет на новогодишните празници и секако христијанскиот Божиќ, со нетрпение го очекуваме вашиот и настапот на Некст тајм. До тогаш Ви посакуваме Среќна Нова Година и се најубаво на Вас и Вашето семејство!
– Ви посакувам Среќна Нова Година, среќни новогодишни празници и среќен Божиќ на Вас и Вашите читатели, многу здравје, многу успех и упорност во секое поле и се гледаме на концертот на 17 Фебруари во Концертната Сала на градот Хилден во близина на Дизелдорф.
Се гледаме!!! Happy New Year!!! Frohes Neues Jahr!!! Среќна Нова Година!!!