Интервју со Марина Урдинов, државен службеник, магистер на универзитетот во Гизен

Македонско сонце: Здраво Марина, пред се Ви благодарам за овој разговор и учество во нашата програма. За тие што не Ве знаат, раскажете ни каков беше Вашиот пат до Германија и со што се занимавате сега (вашата професија, порано и сега)…

– Дојдов во Германија пред 16 години додека студирав германски јазик и книжевност во Скопје, а планирав да останам само една година како Au-Pair. Го завршив факултетот, ама тука се одлучив за кариера во јавна администрација. Работев во општината на градот Гизен, покраина Хесен 11 години, од кои осум беа во биро за странци. За тоа време се стекнав со потребното образование за работа како државен службеник, кое е доста поинаку структурирано од нашето. Еден период паралелно студирав јавен менаџмент на универзитетот во Касел, лани го завршив мастерот и од неодамна работам во интернационалниот оддел на универзитетот во Гизен, одговорна за советување и поддршка на интернационални студенти, со фокус на бегалци.

Дали имавте некои предизвици кои Ви изгледаа непремостливи тогаш, а од сегашен аспект Ви изгледаат едноставни?

– Сè ми изгледаше комплицирано на почетокот, целото секојдневно функционирање, мислев дека за секоја ситница ќе ми треба помош. Најверојатно беше културен шок, за брзо време се навикнав.

Ве знаеме како многу активна членка по македонските социални групи во Германија при што несебично ги советувате нашите за активно да се борат за своите права како странци, од каде црпите сила за тоа и дали би го правеле тоа и понатака, мислите ли дека постои некоја можност луѓето подобро да бидат информирани уште пред да дојдат во таква ситуација, каков е Вашиот совет околу тоа?

– Можам точно да се сетам кога почнав да се активирам по групите, тоа беше истиот месец кога се вработив во биро за странци. Mи текнува и дека на почетокот ги прашував колегите за проблеми од групата бидејќи немав искуство. Понатаму некако природно се наметна да одговарам на прашања поврзани со престој, тоа ми беше интересно, а и релевантно за работното место, така што не ми беше тешко. Најчесто сум активна во објавените постови, така и сите ги добиваат истите информации. Порано имав повеќе време за приватни пораки, сега за жал поретко, освен за итни случаи и самохрани мајки. Многу драги ми се и поголемите акции, како што беше признавањето на македонските возачки дозволи во Германија, во кое беа вклучени многу други ангажирани граѓани.

Во врска со можностите за информирање; информациите на официјалните страни на различни инситуции често се актуелни, препорачувам прво таму да се погледне. Исто така треба повеќе да се користи опцијата за пребарување во групите, со клучни зборови брзо се наоѓаат одговари, дека често прашањата се слични.

Во некои комплицирани ситуации кога немам веќе одговори, ги советувам луѓето да се консултураат со адвокат или да побараат друга правна помош. Странците имаат и права покрај обврски и можат да ги искористат тие права без да ѝм се нанесе штета. Често дознавам дека некој не сака да се жали на одлука од некоја институција, со страв дека ќе се влоши ситуацијата или дека ќе ги налути службениците. Сепак нема простор за страв, во Германија, правниот пат е загарантиран за сите.

Kako Вам лично Ви се допаѓа животот во Германија? И покрај тоа што сте доселени, знаеме дека имате критичен став околу секој закон или правило што не се применува соодветно во Германија и се интерпретира различно од тие што го спроведуваат, каков е Вашиот коментар околу тоа?

– Мене ми се допаѓа, и покрај тоа што Германија многу се промени од 2007 кога дојдов тука. Каде и да живееш ќе има нешто што не ти одговара, сепак генерално сум задоволна и не би се селела наскоро.

Различното спроведување на државни закони е реален проблем, кој за жал не се сфаќа сериозно, и покрај тоа што засега огромен број на луѓе. Затоа често се сретнува по групите некој да сподели искуство за одредена процедура во биро за странци, а некој во друг град да има сосема друго искуство. Тоа сепак не треба да биде така, законот за странци е државен закон, а не покраински и треба интерпретацијата да е иста во цела Германија. Посебно сега, кога претстојат големи промени во законот, мислам дека тој проблем ќе биде уште поизразен. Се надевам дека политиката на време ќе реагира и ќе ги опреми засегнатите институции со доволно персонал и пристап до информации.


Раскажете ни нешто за Вашето семејство, дали Ви даваат поддршка за тоа што го работите, што сакате највеќе во слободно време да правите, кои места ги посетувате со задоволство?

Секогаш имам поддршка, како и од цела моја фамилија во Македонија, така и од сопругот. За тоа сум ѝм многу благодарна, инаку немаше до сега да исполнам ниедна цел. Слободното време го поминувам со фамилијата, синовите имаат 12 и 2 години и никогаш не е досадно, со пријатели. Често сум кај најдобрите другарки во Франкфурт и Келн, сакам да читам, да вежбам aerial и кундалини јога, да готвам (и јадам), пробувам да учам француски и секако да се ангажирам во заедницата ако му треба помош на некој.

Што претстои уште на работен и приватен план за Марина Урдинов? 

– Моментално сум во процес на полагање за судски преведувач по македонски и германски јазик и многу се радувам на тоа, долго време го планирав. Се надевам ќе завршам до средина на следната година, а тогаш планирам да нудам преводи со нешто дополнително, концепт кој го немам сретнато до сега. Ветувам први ќе дознаете…

Дали често патувате и каде и дали одите за Македонија?

Како секој просечен наш иселеник, така и јас сум најмалку еднаш годишно во Македонија, во Скопје кај мојата фамилија и во Богданци кај фамилијата на сопругот.
Инаку не сум голем авантурист што се однесува до патувања, летни одмори на море и повремени викенди низ Европа се доволни.

Што би сакале да биде подобро во Македонија за да можат луѓето и таму да да се исполнат и да не мора да ја напуштаат Татковината за подобра иднина?

– Мислам дека не може да се издвои една причина, претпоставувам дека треба да се случат големи промени во образовниот, здравствениот, правен, социјален систем за да се чувствува човек сигурен.

Што би им порачале на нашите читатели?

Да си поставуваат високи цели и покрај тоа што се во туѓа земја, не е сè така комплицирано како што изгледа и секој може да успее. Ова доаѓа од некој кој имаше единица по германски во средно и професорката го викаше Ich heiße (се викам) цела школска година, бидејќи тоа беше единственото нешто што тој некој знаеше да го каже на германски.

Исто така сакам да направам реклама за кариера во јавна администрација, бидејќи немам приметено дека Македонци се интересираат за тоа поле, а има многу голем дефицит на персонал. Треба да се вложи некоја година во образование, во кое се добива релативно ниска плата, ама после со диплома е сигурна работа и во зависност од интереси може да биде многу разнолика. На пример пред да бидам во биро за странци бев во сектор за култура, каде што бев одговорна за организација на годишни концерти, после тоа во социјалните служби, а за време на обуката поминав и многу други оддели каде што можев да се запознаам со нивните задачи. Има и можности за напредување и доквалификација, и има многу странци кои работат на такви места, за кои најчесто не мора да се има германско државјанство…

Ви благодариме уште еднаш на разговорот и Ви посакуваме многу успеси понатака на приватен и професионален план..

– И јас Ви благодарам на поканата, се гледаме на Вашите настани, се надевам ќе присуствуваме на сите.

Сега за Св.Трифун/Валентајн на 17.02.2024 за Некст Тајм и Сања Лефкова се надевам…

– Тоа секако 🙂