Македонски Културен Центар ,,Македонско Сонце – Дизелдорф,, со задоволство најавува соработка со Илина Јовановиќ Јаковчевска, македонска писателка на проза и поезија која живее и работи во Дуизбург.
Илина Јовановиќ-Јаковчевска е родена во Скопје. Живее и учи во Драчево. Како љубител на фолклорот повеќе од една деценија е член на културно уметничкото друштво КУД “Китка”од Драчево.
Во 2004 та година доаѓа во Германија. Тука го изучува германскиот јазик и во 2012 година запливува во педагошките води во Германија. Се до денес работи како одговорен педагошки раководител и воспитувач во дневен предстој во едно основно училиште.
Во 2020 година повторно се спријателува со кирилицата и по долга пауза се раѓаат првите нејзини стихови.
Во 2021 година го пишува романот “Се љуби и два пати исто”.
Во 2022 година следува збирката поезија “Трендафил” во која се наоѓа и оргиналната верзија на песната “Македонијо, татковино, туѓино” за која е направена композиција и веќе успешно плови во етерот на македонската музика(можете да ја слушнете на јутјуб каналот).
Учествува на конкурсот “Стихувалки” со детската стихотворба “Сонувалка” и освојува прво место и златна плакета.
Активно твори за детското списание “Супер Смешка” во рубриката “Истражувалки” и “БОНТОН “.
Зема учество во повеќе антологии и хуманитарни збирки поезија.
Во соработка со издавачката куќа” Збор” го објавува нејзиниот најнов роман “Вилинско коњче “.
Со Илина се предвидени активности во наредната учебна година со македонските сонциња дечиња кои ќе се одржуваат во рамките на термините на Македонски културен центар ,,Македонско Сонце,, во салата во Ратинген.
До тогаш уживајте во прекрасните песни кои редовно ќе бидат претставени преку нашата страница, за почеток Ви претставуваме песни од збирката ,, Трендафил,,
ТРЕНДАФИЛ
Ако не знаеш каде
домот мој ме чека,
преку мостот право
преку Мала Рада река.
Поглед високо крени
и покажи смело со прст
високо на ридот
патоказ е светиот крст.
И чекори бавно, собери снага,
стисни во гради, длабока тага.
Да не прсне солза, затвори очи
не зборувај ништо, уживај и молчи.
И штом мириснеш посебна сорта
пред домот мој си, пред моја порта.
Распространет цвета,
ликот татков и мајчин мил
и нашиот црвен трендафил.