Ексклузивно интервју со Анита Јоновска, наставничка по Македонски јазик во Дизелдорф

 

 

Македонско сонце: Кога дојдовте во Германија и каква беше вашата агенда и очекувања?
– Во Германија дојдов пред точно четири години. Имав агенда но за остварување на истата знаев дека требаше многу време, труд и трпение.
Немав некои преголеми очекувања, но како поминуваше времето работите почнаа да си доаѓаат на свое место.
Посетував курс, полагав тест за интеграција, од новото работно место имавме обуки, семинари, квалификации…
Кога имаш некои цели добиваш мотивација за остварување на истите.
Благодарна сум на група луѓе кои ме мотивираа и кои ми даваа поддршка.Сигурно ако го читаат текстов ќе се пронајдат.

Со какви проблеми се сретнавте на почетоците и како успеавте да ги решите?

– Не би рекла дека на почетокот имавме некои големи проблеми но мала пречка беше германскиот јазик. Иако имавме основни познавања, но сепак кога имавме термини не ни беше сеедно. Се разбираме на англиски,скоро во сите германски иституции зборуваат англиски и вработените љубезно сакаа да помогнат и се поминуваше во најдобар ред.

Какво влијание имаа културните разлики на Вас и Вашето семејство во однос на животот во Македонија и Германија?

– Животот во Македонија и во Германија не е ист. Има различна култура, различни традиции обичаи, правила..
Во Македонија на пример луѓето живеат полежерно, имаат повеќе слободно време, имаат повеќе празници и сите се слават во широк круг на луѓе.
Во Германија луѓето имаат испланирано се, се се одвива по некој план, точни се и прeцизни, кога ќе почнат една работа до крај ја завршуваат, вредно работат, имаат исто празници ама не колку во Македонија, за време на неделата вредно се работи но за викендите знаат да уживаат.
Секако со тек на време почнуваш да ја прифаќаш и почитуваш германската култура, но си ги негуваме нашите празници,обичаи и традиции.

Која културна карактеристика би сакале да ја задржите од Македонците а која од Германците?

– Многу интересно прашање…
Карактеристики кои би сакала да ги задржам од Германците се: точност, прецизност, завршување на една започната работа, се навремено испланирано, рано легнување и рано будење.
Карактеристики кои би сакала да ги задржам од Македонците се прво дека сме препознатливи по нашиот весел и ведар дух, тоа навистина би сакала да го задржам. Би сакала да ги задржам ,негувам и почитувам македонските традиции, обичаи, славите..

Која е разликата да се работи со Македонците од Македонија и да се работи со Македонците од Германија?

– Разлика има но не би рекла дека е премногу голема.
Македонците кои се пократок период во Германија се навикнуваат на германскиот систем, а Македонците кои се подолго време во Германија го прифатиле и функционираат по германски систем.
На пример во мојава работа како наставник по македонски јазик конкретно можам да кажам за децата.
Во Германија децата уште од малечки ги учат да се самостојни, сами јадат, сами се облекуваат, излегуваат надвор да си играат и на врнежливо време. Наставата не им е премногу набиена во еден час се да научат, учат полека.
Во Македонија децата имаат во текот на часот многу активности, им помагавме околу облекување, јадење иако беа и малце поголеми.

Која е Анита Јоновска приватно?

– Приватно – родена сум на 10.10.1982 год. во Струга, имам завршено Педагошки факултет и имам работено четири години во Македонија во основно образование. Четири години живеам во Ремшајд Германија, работам како наставник по македонски јазик под министерство за образование на Германија.
Мајка сум на седумнаесет годишниот син Лука, кој учи во гимназија и активно тренира фудбал.
Во слободно време сакам да прошетам во природа, да се дружам со нашите роднини и пријатели, да прочитам некоја добра книга, да патувам и запознавам нови култури и традиции. За викендите сабота или недела обично сме на фудбалски натпревари каде што ги бодриме нашите деца.
Но сепак кога имаме подолг одмор и распуст нашата дестинација е Македонија – нашето катче, нашето огниште, моите родители и спомените поврзани со детството.

Какви се вашите планови за понатака?

– За понатака имаме многу планови, значи не се застанува, но како што спомнав на почетокот треба треба време, трпение и труд.

Што би сакале да им порачате на нашите читатели?

– На нашите читатели Македонци тука во Германија прво нешто што би им препорачала е да бидат сплотени и да си помагаат.
Колку што можат во слободното време да се дружат, да разменуваат искуства и ја негуваат македонската религија, култура и традиција.

Како наставник по македонски јазик сакам да истакнам дека имаме настава во градовите :
– Düsseldorf (Rath Mitte, Sonnen Str.)
– Neuss – Norf
– Ratingen (Mettmann,Velbert, Erkraft, Duisburg, Essen i Mülheim)
Да го зачуваме нашето културно богатство, нашето обележје.
Сите кои се заинтересирани пријавувањето е до 15 Март 2024.
Поздрав до сите Македонци, бидете здрави живи и весели !

Ви благодариме за убавиот разговор и Ви посакуваме многу успеси и да ги учите нашите дечиња Македончиња Македонски литературен јазик, секое добро!