Денес имаме чест да ви претставиме еден врвен македонски стручњак во својата област, човек кој се занимава со планинарење и велосипедизам, со најголемо достигнување до сега: рута Келн – Луксембург, 206 км за 6 часа и 40 мин… но не се работи за велосипедист, се работи за доктор специјалист кардиохирург Др.мед. Борко Иванов…
Македонско Сонце – Кога дојдовте во Германија и дали главната причина беше продолжување на Вашата едукација?
– Во текот на 6-тата година од студиите имав можност да земам учество во Проектот за мир и програматa „Мостови на разбирање“, што се организира секоја година од регионалната група IPPNW (Меѓународни лекари за спречување на нуклеарна војна / Лекари по општествена одговорност е.В.) во Вирцбург, Германија. Понатаму, успеавме во кооперација со колегите од Германија и останатите IPPNW членки, како први на балканот да ја формираме афилијацијата DMSO ( Доктори за мир и социјална одговорнст). Како елективен студент имав можност преку стипендија во 2010 година да практицирам на одделот за висцерална и торакална хирургија во истиот центар и да учествувам на многубројни конгреси, kампањи, едукација и застапување, проекти за размена и едукативна работа. Благодарение на тоа искуство и контактите, конкурирав во 2013 година во центарот за кардиоваскуларна хирургија во Дуизбург, каде што за првпат директно бев конфронтиран со таа одредена патологија. Една од главните причини за заминување во Германија беше можноста и понудата за професионален развој, она што ја прави Германија интересна земја за помладата адолесцентна популација се постојаните инвестиции во технологија и едукација што ги отвора вратите за професионално усовршување.
Како Ви изгледаше на почетокот, дали бевте задоволни од здравствениот и едукативниот систем, во што се разликува школството и медицината во Германија во споредба со Македонија?
– На почетокот да, споредбено на меѓународно ниво, Германија има еден од најдобрите здравствени системи. Покрај обемниот каталог на медицински услуги, времето на чекање за преглед на лекар и болничко лекување е многу кратко во Германија. Истото важи и за партиципацијата, која заедно со големата слобода на избор меѓу лекарите и болниците, овозможува лесен пристап na пациентот до здравствениот систем, без оглед на приходот, возраста, социјалното потекло и личниот ризик од болест. Што се однесува на едукативниот систем, фактот дека студентската популација стана „значително похетерогена“ во последниве години, го направи образованието доволно комплексно. За жал, нивото на образование во Германија драстично се влоши во последните години. Toa го покажува и скоро публикуваната студија, која беше спроведена од институтoт за германска економија во Келн. Од оваа причина, меѓународните споредби на германскиот едукативен/здравствен систем се тешки, бидејќи овие системи се сложени и различно имплементирани во општеството како целина. Медицината каква што ја знаеме денес претрпува огромни промени. Технологијата и дигитализацијата продолжуваат да напредуваат. Поради демографските промени, но и зголемените миграциски движења, се менуваат структурите на пациентите и клиничката слика. Наше е активно да ги обликуваме промените денес и да го поставиме курсот за иднината, исто како што правеа генерациите пред нас. Ако денес погледнеме наназад на последните 6 децении, можеме да гледаме со оптимизам, доверба и надеж кон иднината. Затоа, нашата одговорност е денес не само да обезбедиме грижа за пациентите на највисоко ниво, туку и фундаментално и активно да го унапредуваме понатамошниот развој на медицината научно и практично, како и да инспирираме нова генерација медицинари и да им овозможиме да одговорaт соодветно на предизвиците.
Во меѓувреме станавте специјалист кардиохирург, прертходно со промоција Др.мед, честитки огромни за успехот пред се. Каков е патот да се стане кардиохирург, колку време трае специјализацијата, раскажете ни за вашиот пат.
– Патот да се стане кардиохирург е една долга, контраверзна одисеја, проследена со многу искушенија. На личен план, потребна е голема доза на дисциплина, упорност, толерантност како и емпатија. Потребни се најмалку шест години за да станете специјалист, но често и значително подолго. Јас морав да променам досега 3 кардиохириршки центри, каде што ми беше дозволено академски и оперативно да профилирам. Во последните години се фокусирав исто така на истражување со цел хабилитација, за да можам несебично да им пренесам знаење на студентите. Тоа ме прави исклучително среќен. Кардиохирургијата е многу иновативна, динамична тема и се повеќе се развива кон модерни минимално инвазивни, интервентни и ендоскопски посредувани опции за третман. Понатаму, научната размена на меѓународно ниво, како и дигитализацијата и вештачката интелигенција во кардиохирургијата стануваат сè порелевантни.
Знаеме дека дури Ве носат со хеликоптер кога треба некаде хитно да се интервенира, раскажете ни некоја интересна случка во врска со тоа.
– Се работеше за една 33-годишна девојка која ја контактираше локалната итна медицинска помош поради општа непријатност. Поради нагло губење на свеста со последователна хипоксија, беше извршена оротрахеална интубација. По приемот, дијагностиката покажа нарушување на ритамот на срцето (полиморфна вентрикуларна аритмија, широки QRS комплекси) и сериозно нарушена функција на левата комора. Пациентката стана циркулаторно нестабилна и беше започната кардиопулмонална реанимација. Во меѓувреме беше контактиран нашиот ECMO центар во Келн за екстракорпорална циркулаторна поддршка (ECLS – Extracorporeal Life Support) и трансферирање на пациентката во нашиот терциерен центар. Моравме ноќта да летаме со хеликоптер, така ни беше наредено, поради тоа што болницата се наоѓаше на 80 километри оддалеченост, а состојбата беше нестабилна. Временските услови беа катастрофални. За жал, бурата сe влошуваше и капетанот неможеше да ја задржи својата позицијa. Моравме итно да слетаме на најблискиот хелиодром и транспортот мораше да продолжи по копнен пат. Но во интерес на пациентот и покрај лошите временски услови, го превземавме ризикот и повторно полетавме за да не се изгуби драгоцено време. Нејзината состојба се стабилизирa и пациентката ја префрливме сигурно во нашиот кардиоваскуларен центар. Во личните работи на пациентката беше пронајден стаклен сад со иглолисни игли. По екстубацијата, пациентката потврди орално внесување на игли од тис за да доживее наркотични ефекти. Интоксикацијата со Тис (Taxus baccata) е ретка и најчесто се поврзува со обиди за самоубиство. Презентираниот случај го опишува првиот орален внес на тис како наркотична дрога и може да им помогне на лекарите да откријат потенцијална злоупотреба. Овој случај е публикуван во реномиран журнал со импакт фактор 5.72 (Yew Taxus baccata Intoxication due to Narcotic Self-Experience Purpose: Case Report and Literature Review).
Навистина многу единствено доживување со голема доза на ризик, се со цел да се спаси човечки живот. Секоја чест!
– Па да, накратко може и да се наведе дека мора да бидете тимски играч кој може да се потпре на вашите соиграчи за колективно да ги надминeтe овие тешки ситуации.
Семејството сигурно Ви дава мотивација и поддршка за тоа што го работите, кој стои позади Вас?
– Kaкo дете ме интересираа природните науки и сè што е духовно. Затоа, за мене, медицината беше уште од рано детство во фокус. Благодарение на моите родители, кои се и двајцата медицинари, пораснав во тесна поврзаност со медицината и како дете ми дозволуваа да присиствувам кога тие вршеа домашни посети. Медицината секогаш ја сметав за возбудлива и исполнителна и сум неизмерно благодарен за максималната подршка и љубов од страна на моите родиели и подоцна на мојата сопруга.
Дали останува време за приватен живот и како успевате да го избалансирате со работата?
– Се разбира, во слободното време одвојувам и „квалитетно време“ за семејството и пријателите и уживам во патувањето со нив. Важно е да најдете рамнотежа помеѓу работата и слободното време. Ова може да изгледа многу различно од личност до личност и зависи од тоа во која фаза од животот се наоѓате. Балансирањето помеѓу семејството и кариерата е можно и во кардиохирургијата. Во последниве години, некои од моите колеги земаа родителско отсуство, што беше поддржано од раководителите на секторите и тимот. Со цел да се хармонизираат семејството и кариерата, доброто менаџирање со времето и организација се круцијални.
Какво е Вашето чувство и приврзаност со Македонија, дали често одите таму? Каков совет имате за нашите гледачи?
– Да, одиме многу често во Македонија. Чувството и љубовта кон родителите и роднините, но и моралната вредност да се негува контактот ,сопствената култура и јазикот се големи. Таа приврзаност кон татковината е составен дел од човекот и буди убави чувства, за разлика кога е нешто наметнато, варварски посредувано и уривачки насочено.
Ве разбираме што мислите, и покрај тоа што Македонија ни е на сите во душата, таму работите функционираат на друг начин. Наше е да ја негуваме таа љубов секој на сопствен начин и да си помагаме колку што можеме. Ви благодариме за ова извонредно интервју, полно со медицински жаргон, од кое можат нашите Македонци да се запознаат какви врвни луѓе имаме во наша близина во секоја област од општеството !!!
– Голема благодарност до Македонски културен Центар Македонско Сонце Дизелдорф за ова интервју и искрени честитки за оваа иницијатива за сплотување на македонскиот народ.
Ви посакувам да си ги дочекате претстојните празници во мир, добро здравје и радост.
Ви Благодарам и Вам Ви го посакуваме истото и повелете на некој од нашите собири 😊
– Секако, се дружиме и гледаме во наредна прилика.
Поздрав