Денес зборуваме со нашиот парохиски свештеник Отец Трајче Грозданов, кој веќе неколку години одржува редовни литургии во рамки на црковната општина Света Петка Дизелдорф. Него го избравме како соговорник во согласност со ова време во годината, кога сите православни христијани, па и ние Македонците, го прославуваме најголемиот христијански празник, раѓањето Господово, Божиќ.
Македонско сонце: Отец Трајче, пред да ни раскажете за вашиот почеток во Германија, раскажете ни нешто околу овој наш најголем христијански празник и како се прославува…
Денес се поздравуваме со нашиот христијански поздрав “Христос се роди” а нашите сестри и браќа одговараат “Навистина се роди”. Со овие зборови се потврдува нашата вера во воплотениот Господ Исус Христос. Во Стариот завет имаме многу пророштва за доаѓањето во тело на нашиот Бог. И кога се исполнило времето по паѓањето на нашата човечка природа, Бог најде начин преку слободната волја на Богородица да се вмести во неа и преку Неговото раѓање да ни го смени нашиот живот. Бог се роди на најскромен можен начин во пештера покрај овци, не дојде како некој освојувач и земен цар. Но дојде и целата планета му се поклони. Ангелите ја пееа песната “Слава на Бога во висините а на земјата мир, меѓу луѓето добра волја”. Мудреците научените луѓе му принеле богати дарови, додека овчарите и целата природа останале вчудоневидени. Од овој момент почнува нашиот домострој за подготовка за вечноста.
Благодарам за ова објаснување, сигурен сум дека и покрај тоа што во овој период има голема посветеност за Божиќ во медиумите, секој пат е добро да се добијат нови сознанија од друг аспект. Каков беше вашиот почеток во Германија, како дојдовте тука на оваа позиција каде што сте сега?
Мојот почеток во Германија започна во 2018 година кога со благослов на нашиот Европски митрополит г. Пимен јас бев пратен на мисионерска служба во Дизелдорф и Келн помеѓу нашиот Македонски народ кој долго време немал редовен активен црковен литургиски живот, а свештеници доаѓале само на Божик и Велигден. Дојдов препуштен на Божјата волја, не правејќи никакви мои планови. Знаете како велат ”Ако сакаш да го насмееш Бог кажи му ги твоите планови”. Слегов на аеродромот, ме пречекаа тројца пријатели, едниот од Кавадарци, другиот од Скопје и со едниот со кого бев претходно во координација беше од Росоман. За моја радост се сместив во една соба со уште тројца Македонци кои исто така беа штотуку дојдени во Германија. И така почна сета наша историја овде со сите радости и таги, нашиот нов начин на живот. Човек не може да знае како е да стане ако не паднал. Знаев дека за да имаме напредок мора да имам трпение, со многу љубов, молитва, работа денес се издигнавме на повисоко духовно скалило. Нашиот народ се повеќе се воцрковува, евангелизира и постанува подобар и помудар. Денес соработувајќи со луѓе кои си ја сакаат црквата и родната грутка секојдневно напредуваме организациски. Со Божја волја, со благослов на нашиот митрополит и со убавите и чисти мисли на нашата црковна управа и нашиот верен македонски народ имаме долг пат за да стигнеме до ниво кога ќе бидеме исполнето во целост.
Вие и покрај тоа што ги одржувате богослужбите на македонски и црковен јазик, моравте да научите и германски за да комуницирате со останатите верски заедници во Германија, пред се католичката, како вие се носите со тој предизвик?
Јазиците се мојата слабост, да не речам пасија. Јас зборувам одлично италијански, англиски, го користам грчкиот јазик во пишување читање и зборување. Сите јазици од словенската група, особено рускиот затоа што многу литература црпам од тој јазик било за пишување текстови проповеди итн. Како студент на Богословскиот факултет го изучував црковнословенскиот јазик кој секојдневно го користевме во читањето и пеењето на молитвите, еврејскиот јазик и старогрчкиот за кои можам да кажам секој еден човек ако почне да ги изучува ќе се разбуди во него една мистериозност и убаво чувство на истражување. Овде во Германија завршив шестмесечно дообучување за работа во училиштата со деца со посебни потреби (Weiterbildung zum Schulbegleiter), како и за децата за нивна интеграција и за младите во развој кои имаат одредена пречка и мака. Германскиот јазик го користам во мојот секојдневен живот, во мојата комуникација со помесните цркви како и на состаноците во ACK организацијата во која членуваат сите христијански заедници. Здравје се надевам во иднина да имаме еднаш месечно литургија (богослужба) на германски јазик во црквата.
Дали можете да ни кажете нешто околу структурата во Македонската православна црква, како стануаваат опслужувани заедниците во дијаспората, еве на пример како нашата тука во Дизелдорф, што е потребно нашинците да добијат или поточно кажано да оформат црковна општина и да добијат свештеник таму каде што живеат.
Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија покрај епархиите што ги има во Македонија, постојат уште три епархии кои се надвор од нејзините граници. Тие се наоѓаат во Америка( Американско-канадска епархија) Австралија(Австралиско-новозеландска епархија) и во Европа, Европската епархија во која ние припаѓаме. Во Европа имаме регистрирано околу 37 црковни општини. Во сите нив нема редовен свештеник со редовен црковен и духовен живот, но доаѓа свештеник само за Божик, Велигден и некој друг поголем празник.
За да се формира една црковна општина потребно е да се исполнат повеќе услови, ќе набројам некои од нив:
- Благослов од надлежниот европски митрополит,
- Доволен број на верен народ,
- Црковна управа која ќе работи под послушание на владиката и свештеникот за доброто на црковната општина,
- Црковен инвентар потребен за богослужба, итн.
За да добие една црковна општина свештеник, треба да се прати молба до седиштето на Европска епархија, и откако ќе се разгледа и одобри се почнува со целата процедура околу регулирање на престојот, сместување, плата итн.
Спомнавме за соработката со другите цркви, како изгледа поточно таа соработка?
Нашата црковна општина Света Петка Дизелдорф има прекрасна соработка со нашите македонски црковни општини и свештеници овде во Германија и другите европски земји. Што се однесува на нашата соработка со останатите помесни цркви до пред една година немавме некоја соработка поради бариерата што ја имаше нашата македонска црква. Со прифаќањето во канонско единство најпрво со Српската православна црква и останатите православни цркви таа граница се сруши и денес сме дел од Orthodox Konferenz во која членуваат сите православни цркви во Диселдорф и околината. Имаме одлична соработка со српската црква во Диселдорф и Келн. Со Руската, Романската, како и со Грчката православна црква во Диселдорф каде минатата година сослужував на нивниот патронен празник што до тогаш тоа беше незамисливо итн.
Раскажете ни како изгледа работата во црквата, каде се наоѓа црквата за тие што не знаат, кога е отворена и кога се држат богослужби, и да ве најдат доколку имаат потреба.
Нашата Македонска православна црква се наоѓа на улица Bachstraße 8 40878 Ratingen, каде ја користиме Римокатоличката црква. Секоја недела и празник имаме литургија во 10 часот, и е отворена преку цел ден до 16 или 17 часот. Преку недела е отворена и за сите кои имаат потреба можат да се јават кај свештеникот и да закажат термин, било за молитва за бебе, панагија, колач или за духовен разговор и исповед. Имаме проби со нашиот црковен хор, хуманитарни акции и средби со нашите парохијалци. Овде сакам да искажам и голема благодарност до свештениците и управата на Римокатоличката црква која секогаш не подржува и ни излегуваа во пресрет. Најдобро и најсигурно можат да не следите на нашата Facebook страна Mpco Sveta Petka Düsseldorf, како на инстаграм и на интернет на нашата Web страна svpetka.de.
Кои се замислите за иднината, колку треба да порасне нашата црковна заедница за да може еден ден да имаме изграден Македонски црковен храм, еве како на пример што има Маинц и Дортмунд сега од скоро, колкави средства и ангажман се потребни, како да пристапат кон парохијанството и да помогнат нашите исселеници…
Нашите замисли се пред се, се повеќе народ да се преобрази духовно да си го најде овде својот мир и спокој, да имаме се повеќе луѓе на нашите литургии на кои ќе можат да се поучат, да благодарат и да просат од Бога за се онаа што имаат потреба. Црквата како заедница со Бог не е врзана толку многу со просторот што го користиме. Литургија може да служиме дури и во парк на отворено ако имаме Антимис(парче платно на кое се извршува светото причестие). Ако ние постепено прераснеме во поголема заедница и се повеќе и повеќе народ ќе ја сфати суштината на црквата, мислам дека нема да имаме некаков проблем и за да направиме наша црква. Секој еден православен Македонец треба да биде член (парохијалец) во црквата за да се вгради во нејзиното постоење и напредување. Единствено црквата е центарот и местото за нашето собирање и заедничарење овде. Имаме редовни термини со претставници од Римокатоличката, Евангелистичката црква, со градоначалниците на Диселдорф, Ратинген, Ноис, при што бараме место или црква каде ќе се вместиме за постојано, но секако сакаме и имаме потреба да биде тоа наш центар заедно со црква и сала за да се оствариме како народ на секое поле. Преку духовниот живот , се до традицијата, ората и музиката која го карактеризира еден народ како посебен Бит и Етнос. Секако што повеќе парохијалци имаме толку побргу ќе стигнеме до наш објект.
Дали постои време за Трајче Грозданов и фамилијата кога не ја вршите должноста како отец, како го поминувате времето со пријателите, има ли нешто што ви предизвикува интерес надвор од верата и посветеноста кон Бога?
Јас немам работно време, особено викендите во сабота и недела сум од утро до вечер, било на служба во црква или посета на фамилии било да е повод, осветување на нов дом, панагија или колач за слава, духовен разговор и секакви проблеми што ги измачуваат. Преку неделата се повеќе луѓе имаат потреба за духовен разговор дали ќе дојдат во црква или дома на разговор, околу организирање и планирање на црквата заедно со црковната управа која несебично се дава за да биде се во најдобар ред организирано за сите верници да имаат услови да дојдат и да ги ползуваат црковните добра. Мојата сопруга (попадијата) е моја голема поткрепа во организирањето на црковниот живот заедно со моите деца. Таа е веќе научена да не сум повеќе време дома. Во слободното време сакаме да прошетаме да посетиме некои знаменитости и сакам малку мир и тишина да шетам во природа. Не ретко знаеме да поседиме со пријатели во убав и мудар збор.
Ви благодариме за овој убав разговор. Што би им препорачале на нашите читатели?
Ви благодарам на МКЦ Македонско Сонце Дизелдорф за вашата желба да разговараме малку на различни и не секојдневни теми, Ви посакувам убави и благословени празници, воедно ве поканувам на 13 Јануари сите заедно да ја пречекаме Православна нова година и Василица заедно со Влатко Миладиноски и Дамјан Стојаноски , и секако на 17 Фебруари на Некст Тајм да пееме стари патриотски македонски песни.
ХРИСТОС СЕ РОДИ ! ! !
Благодариме, и ние Ви посакуваме Вам и на сите Македонци и останати православни верници низ светот многу среќа, здравје и љубов за престојниот празник,
Христос се роди, навистина се роди!